Заев вели дека има договор, Дехари негира! – ќе замине ли функцијата – секретар на општина Кичево во рацете на СДСМ?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кому ќе му припадне функцијата – секретар на општина Кичево, на ДУИ или СДСМ?

Оваа општина веќе 8 години функционира без општински секретар, но како што се чини на локалните избори е направен предизборен договор меѓу СДСМ и ДУИ за оваа позиција.

Во текот на изборната кампања, Зоран Заев рече дека ќе го поддржат Фатмир Дехари во Кичево, бидејќи како што увери, постигнале договор – оваа функција да замине во рацете на СДСМ.

Но, првиот човек на Кичево, Фатмир Дехари негира дека постои таков договор. Вели дека нема направено такви пазари со ниту една партија, давајќи јасно до знаење дека и да постои таков договор, нема да биде реализиран.

„Вакви договори, да не кажам вакви пазари немам направено со никого. Најдобар доказ за тоа се вработените кои ги покажаа своите вештини и професионализам, транспарентност и коректност. Ќе продолжиме со истиот начин на работа“, истакна Фатмир Дехари. 

Останува да видиме чиј кадар ќе седне во фотелјата на секретарот на Кичево, или пак можеби општината и во наредните четири години ќе продолжи да работи без секретар.

Во Кичево на овие избори мандат добија и 23 советници, но сѐ уште не е постигнат договор меѓу политичките партии – кој ќе го има мнозинството во Општинскиот совет,  власта или опозицијата.