Загриженоста за квалитетот на водата се шири во повеќе градови! Валандово забрани пиење вода, се бараат анализи и во Прилеп и Дебарца

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По случајот во Гостивар со квалитетот на водата, загриженост за безбедноста на водоснабдителните системи е изразена и во неколку други градови во државата.

Во Валандово, на граѓаните им е забрането користење на водата од градскиот водовод за пиење, откако анализите на Институтот за јавно здравје покажале зголемено ниво на арсен, пренесува ТВ21. Од јавното претпријатие во Валандово информирале дека водата може да се користи само за технички потреби, додека дополнителните контроли и анализи ќе продолжат сè до потврдување на нејзината исправност.

Според експертите, утврденото ниво на арсен не претставува непосреден ризик по здравјето при краткотрајна изложеност, но долготрајното консумирање може да има последици.

Во меѓувреме, реакции има и во Дебарца, каде што беше пријавено можно испуштање отпадни води во реката Сатеска, по што се бара реакција од институциите и теренски контроли.

И во Прилеп граѓаните побараа дополнителни анализи, откако на социјалните мрежи беа објавени снимки од матна вода.