Само Бугарите во учебниците во Македонија се претставени како фашистички народ и тоа е она што претставува проблем.
Министерката за надворешни работи на Бугари, Екатерина Захариева во интервју за емисијата „Контракоментар“ на блогерот Асен Генов, вели дека ако Бугарите се фашисти, тогаш тоа се и Италајците и Албанците, бидејќи како што вели таа, и тие помагале на Германија. Захариева додава, Бугарија како членка на ЕУ продолжува да ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, но сепак не можат да го трпат она што се случува во Скопје.
„Јас не мислам дека бугарскиот народ е фашистички народ. Тоа не е вистина. Тогаш и Италијанците и Албанците, исто така, треба да бидат посочени како фашисти, затоа што и тие биле сојузник во оној историски момент на Германија. Единствениот народ кој е наречен фашисти, е бугарскиот“, истакна Екатерина Захариева.
Последната изјава која предизвика бурни реакции во Бугарија е онаа на премиерот Зоран Заев кој по повод српскиот празник „Свети Сава“ најави изучување на српскиот јазик во училиштата и Културен центар на Србите.
„Бугарската влада не реагираше официјално за изучувањето на српскиот јазик во С Македонија, бидејќи тоа е внатрешно прашање, ние не можеме да се мешаме за воведувањето српски јазик и отворање нивни културен центар. Само сакаме да има и бугарски културен центар“, посочи Захариева.
Според Захариева, Бугарија бара од моешовитата комисијаза историски и образовни прашања само да се избришат, како што вели лагите во учебниците, но и оние текстови кои шират омраза кон бугарскиот народ.
Преговорите на оваа комисија се „заглавени“, односно нема значајно поместување. Проблем се неколку историски личности меѓу кои и Гоце Делчев, а проблем за Бугарија е терминот „македонски“ како и македонскиот јазик.
Од македонска страна, властите неколку пати порачаа дека без разлика каква е цената, црвената линија е јазикот и идентитетот и за тоа нема да се преговара.
