Захарова: Русија е подготвена да соработува со Бугарија во истрагата за експлозиите во магацините за оружје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Русија е подготвена, доколку добие официјално барање, да ги разгледа можностите за помош на Бугарија во истрагата за експлозиите во магацините за оружје, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

– Во случај на барање до руските надлежни органи, тие ќе го разгледаат тоа во согласност со утврдената постапка и во согласност со постојните билатерални договори за овие прашања, посочи Захарова.

Таа одби да ги коментира влошените билатерални односи помеѓу Русија и Бугарија.

– Приоритет на Русија е интеракција, соработка, развој на односите и засновани на принципи на кои се заснова меѓународното право. Друго прашање е дека ние ќе одговориме на непријателските активности и на тие што јавно зборуваат за нелегален, нееднаков, несоодветен став кон градење контакти и врски, истакна Захарова.

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи во оставка Екатерина Захариева на денешната средба со руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова побара помош од Москва за расветлувањето на случаите со експлозиите во магацините за оружје во Бугарија.

– Бугарија сака да одржува еднакви и заемно корисни односи со Русија и во овој поглед инсистира на активна и ефективна помош од Русија за разјаснување на инцидентите на нејзината територија, се наведува во соопштението на бугарското МНР.

Захариева побара од Митрофанова да ги спречи руските дипломати да дејствуваат спротивно на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Бугарија денеска протера уште еден руски дипломат.

Претходно, портпаролот на на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија нема да го толерира односувањето на Чешка и на Бугарија.

– Што прават Чесите сега, како Бугарите им се придружуваат, како останатите им се приклучуваат во рамки на оваа таканаречена озлогласена солидарност. Ние веќе нема да толерираме. И тоа јасно го демонстрираме. Русија реагира и ќе реагира. Вакви слични провокативни чекори и апсолутно неприфатливи, неосновани обвинувања против Русија нема да останат без одговор, додаде Песков.

Тој не прецизираше какви мерки ќе бидат преземени.