Зајков: Не заслуживме пораз од Грузија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонската фудбалска репрезентација со вчерашниот пораз од Грузија во Тбилиси (2-0) ги загуби шансите за освојување на првото место во групата 4 во Лигата на нации и ќе се обиде в понеделнник во Скопје со триумф над Бугарија со победа да го заврши циклусот во натпреварувањето.

Репрезентативниот дефанзивец Ѓоко Зајков сумирајќи ги впечатоците од дуелот во Тбилиси оцени дека Грузијците ги казниле грешките во македонскиот тим, кој незаслужено на крајот претрпел пораз.

– Им честитам на Грузијците за победата, иако мислам дека таа беше незаслужена. Доминиравме на терен, но противникот ги искористи шансите. Така е во фудбалот, грешките се составен дел од оваа игра. Штета што ние не ги искористивме нашите шанси, изјави Зајков.

– Сега треба против Бугарија да истрчаме со подигнати глави. Не верувам дека ќе имаме психолошки пад на тој натпревар. Нашата цел е три бода, иако тие не ни се важни во овој момент. Против Бугарија ќе биде посебен натпревар, ќе играме за чест и гордост и за да ги израдуваме нашите навивачи со нова победа, додаде македонскиот дефанзивец.

Дуелот против Бугарија е в понеделник на Националната арена „Тодор Проески“ со почеток во 20:45 часот.