Закажани продолженија на четири собраниски седници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска има закажано продолженија на четири пленарни седници – 26., 20., 25. и 29 -та. На дневен ред на овие седници се заостанати точки за кои се очекува пратениците само да дебатираат, но не и да гласаат доколку за одредени закони или одлуки нема поддршка од опозицијата, бидејќи тројца пратеници од владејачкото мнозинство се позитивни на Ковид-19.

На 26. седница се очекува да продолжи расправата по Предлог на законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, поднесен од пратеници од владејачкото мнозинство, а која започна вчера и беше прекината. Заостанати точки на дневниот ред на оваа седница се и измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и Предлог на закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, двата по скратена постапка.

Во рамки на 20. седница пратениците треба да расправаат за Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка.

На 25. седница на дневен ред се Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот, двата по скратена постапка, како и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка – II читање, поднесен од пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива.

На 29. седница има заостанати повеќе точки на дневниот ред, меѓу кои и Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, по скратена постапка.