Заклучување на салата е кривично дело, вели Мицевски, Џафери: Да се погледнете во огледало пред да ме обвинувате

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Образложението на поднесената интерпелација даде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој голем дел од својот говор го посвети на критики на досегашната работа на Џафери и на писмениот одговор што Џафери го даде по поднесената интерпелација. Тоа што ги заклучивте пратениците во Собранието е кривично дело, на криминален начин носите закони по скратена постапка, а навредата на собраниските служби е кршење на собранискиот кодекс рече Мицевски и на самата говорница го стутка кодексот.

„Обезбедувањето ја заклучува вратата и не во таа постапка во која што вие го направивте тоа. Тоа ви е утврдено и ова е кривично дело претседателе на Собранието согласно член 8 и член 12 од Уставот на Република Македонија каде што се впишани темелните вредности и правото на слобода на движење. Ова е кодексот на Собранието. Овој Кодекс нема да го коментирам. Со овој Кодекс владејачкото мнозинство ДУИ и СДСМ го сторија следново“, рече Мицевски.


Претседателот Џафери, на оваа седница седеше на пратеничко столче а седницата ја водеше заменикот Горан Мисовски. Џафери рече дека опозицијата постојано го навредува, но додаде дека и натаму ќе продолжи да работи одговорно и совесно како и досега. Во однос на критиките рече дека секој треба да се погледне во огледало кога обвинува некого.


„Службата има обврска да си ја врши работата совесно како што треба. Ако сум ги затворил вратите по Деловник, да се утврди фактичка состојба затоа што тоа е процедура. За разлика од некој не сум ги отворил вратите па да ги доведат во прашање животите на луѓето. Мене ми се качивте овде 2018, оној бившиот мој премиер. Да, мој премиер, бев министер во негова Влада. Па се качи горе, па ме поли со вода. Каде бевте тогаш?“, рече Џафери.


Во одбрана на Џафери застанаа пратениците на ДУИ и СДСМ, додека опозицијата го напаѓаше и тврдеа дека зад оваа интерпелација стои повеќе од половина Македонија.

„И денеска се случува целиот криминал денеска се случува целата фарса и внимателно го слушав вашиот одговор овде на интерпелацијата кога повикавте практично пред да го фрлите првиот камен погледнете се во огледало. Ајде да зборуваме кој го фрли првиот филџан, па сега да се погледнеме во огледало“, вели Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Иницираше и посветено и континуирано го одржува дијалогот Жан Моне чиј што прв резултат беше токму Етичкиот кодекс на кој што се повикувате мои драги колеги. Зарем искрено верувате дека токму тој би го повредил тој Етички кодекс, господинот Џафери? Тој е претседателот кој што најмногу од сите има придонесено во насока на зачувување и афирмирање на угледот во Собранието, рече Арбр Адеми.


Инаку, според распоредот на силите во Собранието не се очекува дека ќе биде изгласана интерпелацијата, тоа го велат и од опозицијата, но сепак додаваат дека целта на оваа интерпелација е поради тоа што сепак Џафери треба да одговара за неговото недолично однесување и кршење на процедурите на Деловникот. За дискусија беа пријавени 41 пратеник, но без оглед на бројот на пријавените и дали сите ќе земат збор, седницата е предвидено да трае до полноќ, кога треба да се случи гласањето.