По неколкунеделно одложување, министерот за здравство Азир Алију вели дека е усогласен Законот за заштита од пушење со Министерството за земјоделство. Причината зошто Законот не се најде во владина процедура, иако беше најавено дека тоа ќе се случи пред две недели, е тоа што било утврдено дека одредени одредби од Законот за заштита од пушење се во колизија со Законот за тутун. Министерот за здравство Азир Алију очекува Законот наскоро да влезе во владина процедура.
„Веќе Законот е при крај. Денеска го имам последниот состанок со министерот, за да може дополнително да се синхронизираме од правна гледна точка и ценам дека Законот веќе оваа недела, најбрзо до наредната недела, ќе биде дел од владините процедури.“, вели Алиу.
Законот за заштита од пушење предизвика остри реакции кај малите трговци, но и кај производителите и дистрибутерите на тутунски производи, бидејќи сметаат дека новите ограничувања може да влијаат врз нивното работење и врз легалниот пазар на овие производи. Клучните забелешки на малите трговци се дека дел од предложените решенија може да влијаат врз нивниот приход, имајќи предвид дека продажбата на тутунски производи носи значителен дел од прометот во малите продавници и трафики.
Премиерот Христијан Мицкоски го потврди она што го кажа и министерот Алију, дека во процесот на подготовка на Законот за заштита од пушење се разговарало со сите засегнати страни, меѓу кои и малите трговци, но и производителите и дистрибутерите на тутунски производи. Сепак, Мицкоски порача дека новиот Закон ќе мора доследно да се почитува, особено во делот на забраната за пушење во затворени јавни простории, оценувајќи дека досега постојните правила често не се почитувале. Дополнително, според него, неприфатливо е користењето ароматизирани вајпови кои стануваат сѐ попривлечни за малолетниците.
„Ќе се сложите дека на малолетници сѐ повеќе имаме примери каде што се користат и се употребуваат оние таканаречени вајпови, со вкусови. Тоа не е во ред. И тоа не во ред, затоа што ако се бориме против пушењето, а децава од најмали години користат ароматизирани вајпови кои потоа можат да се трансформираат во нешто друго, тоа не е во ред. И затоа тие кои што ги увезуваат, го правдаат, ќе има шверц од соседните земји.“, вели Мицкоски.
Производителите и дистрибутерите предупредуваат и на можни фискални импликации, посочувајќи дека годишно во буџетот се проценува дека се слеваат околу 350 милиони евра од акцизи, царини и даноци поврзани со тутунската индустрија, како и околу 200 милиони евра од откуп на тутун, при што постои ризик дел од приходите да се намалат доколку се зголеми нелегалната продажба.
