Предлог законот за амнестија стигна во Собрание. Законот е доставен до пратениците и е по скратена постапка, информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието. Ова го потврди и премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека законот нема европско знаменце, а за тоа дека знаел и Христијан Мицкоски, кој викендов најави дека ќе го блокира законот, а доколку има европско знаменце пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го напуштат Собранието.
„Законот е испратен во Собранието во процедура без европско знаменце и тоа го знае претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Законот беше изработуван неколку месеци од страна на Министерството за правда и откако беше изработен беше испратен до сите политички партии односно сите пратенички групи во Собранието вклучително и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, така што тоа што го кажува ВМРО-ДПМНЕ дека не го видел законот не е точно“, вели Димитар Ковачевски.
Но има ли спротивставени ставови и во партијата на Ковачевски, но и во самата Влада за овој закон. Вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека не се согласува со предложениот закон додавајќи дека со него нема да се постигнат никакви ефекти. Ковачевски рече дека добро е да има различни мислења, а во еден момент и самиот тој имал слично мислење и затоа рече дека ќе биде поднесен амандман. Иако претходно имаше реакции дека со тоа ќе бидат опфатен и случајот Монструм, Ковачевски тоа го демантира.
„И јас имав свој став по однос на законот и пратеничката група на СДСМ веднаш ќе поднесе амандман штом ќе влезе во процедура законот за да не постои можност да бидат вклучени одредени лица во дел на оваа амнестија. Овој закон не е правен за личности, туку е правен за дела од помал обем и тие се наведени и во законот многу јасно се исклучени кои дела не можат да бидат амнестирани“, порача Димитар Ковачевски.
Мицкоски со посмирен тон од претходно кога најави напуштање на Собранието, сега повтори дека не се согласува со овој закон, а за изјавата на Спасовски, вели дека е само театар.
„Спасовски има две опции. Едната опција е ако не се согласува да ја напушти Владата и втората опција е да престане да прави театар и да молчи и да прифати дека тие кои што се опфатени со овој закон се озлогласени криминалци, луѓе кои што тргувале со недозволени супстанци или познати како наркодилери, переле пари, вршеле изнуда, правеле насилство и така натаму и тие треба да добијат намалени затворски казни или дел од нив да добијат и целосна амнестија“, вели Христијан Мицкоски.
Вчера и пратениците од албанската опозиција излегоа со став дека се против овој закон дека тој всушност претставува политичка пропаганда пред избори.
