Законот за игри на среќа на ЕФ отфрлен – ВМРО-ДПМНЕ поднесе автентично толкување на законот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Остра реакција од пратениците на Европскиот фронт откако Законот за игри на среќа кој е нивен предлог беше тргнат од дневниот ред на денешната собраниска седница. Ова се случи по усвојувањето на предлогот за автентично толкување  на Законот за игри на среќа и забавни игри предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Илире Даути од Европскиот фронт рече дека ова е класично кршење на Деловникот на Собранието.

Предлогот за автентично толкување на Законот на игри на среќа и на забавни игри го даде Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ . Тој рече дека лотариските игри ги приредува Државна Лотарија на Македонија.

„Од страна на Владата основано е трговско друштво со доминантна сопственост на Републиката Државна Лотарија со што е запазена самата одредба во однос на основањето на едно друштво кое што приредува лотариски игри на среќа, но во пракса, спротивно на ова се случува основање на повеќе трговски друштва со 51 процент сопственост на Државна Лотарија со различни приредувачи кои што можат да приредуваат електронски игри на среќа наместо едно трговско друштво“, порача Александар Вељановски.

По усвојувањето на барањето за автентично толкување, по предлог на Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ беше усвоено барањето да се тргне од дневен ред Законот за игри на среќа што го предложија пратениците на Европскиот фронт.