Законот за игри на среќа не помина во Собрание – Адеми: Вина гледаме само кај Пендаровски, а не и кај СДСМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законот за игрите на среќа не ги доби потребните 61 глас во трето читање. За него гласаа 51 пратеник а, 22 беа против, што не беше доволно да се исполни процедурата при повторно гласање на закон кој налага дека законот во тој случај треба да добие поддршка од апсолутното мнозинство во Собранието. Координаторот на ДУИ Арбр Адеми вели дека со тоа е направена голема штета бидејќи законот стриктно наведуваше обложувалниците да бидат 500 метри подалеку од училиштата.

„Изразуваме големо жалење пред сите граѓани што вчера пратениците од опозицијата не најдоа сили да бидат барем еднаш на страна на граѓаните.  Да бараме едно појаснување, овие политички партии и овие пратеници поединечно, зошто биле против отстранување на казината и обложувалниците“, вели Арбр Адеми.

Од албанската опозиција го поздравуваат фактот што законот не помина, бидејќи, како што велат, во законот има голем број манипулации.

„Во новиот закон не беше предвидено дека ќе се повлечат и казината од самите образовни институции, туку само обложувалниците. Ние побаравме целосно да се затворат казината и обложувалниците, а тие пробаа на таков начин да ја излажат целата јавност“, вели Фари Хисени.

Но факт е дека вчера за законот не гласаа и доволен број пратеници од СДСМ за тој да не помине. Од оваа партија велат дека е точно дека има пратеници кои се против овој закон.

„Значи, да, постоеја пратеници и постојат пратеници кои што од самиот почеток рекоа дека не го поддржуваат законот и дека ќе гласаат против. Постоеја пратеници кои што мислеа, но во меѓувреме го променија мислењето, значи тоа се тие процеси демократски“, вели Снежана Калеска Ванчева.

Сепак за Адеми најголем виновник е единствено претседателот Пендаровски, кој првиот пат, кога беше усвоен во Собранието,  не го потпиша указот на законот, но не гледа вина кај нивните коалициони партнери СДСМ што не обезбедија мнозинство. Сепак не одговори дали тоа ќе влијае за евентуална поддршка на Пендаровски во вториот круг на претседателските избори.

„Одлуката на пратеничката група на СДСМ иако јас не сум во својство да зборувам од нивно име, но јас ја знам, одлуката е да се поддржи предлог законот. Поединци кои не го изгласа предлогот кои намерно или ненамерно отсуствуваа тоа е нивна работа. Дали имаме замерки кон претседателот на државата, со непотпишување на указот – да. И тоа сме го кажале не еднаш туку во повеќе наврати“, вели Арбр Адеми.

По вчерашното неизгласување на законот, од Асоцијацијата на приредувачи на среќа ја поздравија одлуката на пратениците кои не го поддржаа. Оддаваме признание на сите пратеници кои не гласаа за скандалозните и противуставни измени на Законот за игри на среќа по одлуката на претседателот на државата да не го потпише указот. Покажаа дека имаат слух за нашите аргументи, го заштитија Уставот и спасија илјадници работни места, се вели во реакцијата на Асоцијацијата.