Законот за легализација се враќа во Собрание – „Нема да дозволиме 50.000 семејства да останат без кров над глава“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Владата нема да го повлече, а законот за легализација на дивоградби кој претседателот Стево Пендаровски не го потпиша, се враќа во Собрание.

„Законот е предложен од Владата крајот на 2019 година на предлог на градоначалниците и ЗЕЛС со единствена причина да се спасат повеќе од 50.000 градби на граѓани кои што се под прагот на сиромаштијата односно не можеле да ги легализираат своите објекти“, истакна премиерот Заев.

Бурата реакции за овој закон следуваше откако со истиот се амнестираа поедицни кои се гонат токму за нелегално градење.

„Кога се носи ваква одлука, да се даде шанса тие преку 50.000 објекти да се легализраат тогаш не можете тие претходните кривично да ги гоните, не е уставно. Ако алудирате на господинот Јакимовски тој има три кривични дела колку што знам, прочитав од ЈО, двете кривични пријави немаат врска со легализацијата, а во едната кривична пријава има повеќе од три обвиненија, од кои едното е само за легализација на објекти“, додаде Заев.

Пратеникот и лидер на Демократски сојуз Павле Трајанов, во интервју за Канал 77 вели дека законот е договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и истиот со членот 41 носи амнестија.

„Законот е спротивен на темелните вредности на Уставот и системските закони. Со овој закон практично вие носите одредба за амнестија, значи директно се вмешувате во законот за кривична постапка, а за некои други закони кои регулираат други прашања, велат тоа не може бидејќи тоа е упад во системот итн“, посочи пратеникот Павле Трајанов.

Интересот на граѓаните и нечии бизнис интереси се два клучни моменти што пратениците од позицијата и опозицијата со мнозинство го донесоа овој закон, вели пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин, која е една од петте пратеници ко што не гласаа за овој закон.

„Мислам дека треба да се најде друг начин како да се решава овој проблем. Мојот став е познат, јас тоа со години наназад го зборувам во Собранието и јавно. Не треба да се толерира воопшто незаконското градење и дека треба веднаш да се санкционира“, истакна Маја Морачанин од ДОМ.

Законот сега повторно е во рацете на пратениците, кои имаат 30 дена, во кои може поторно доколку сакаат да го донесат. Амандмани можат да поднесат само на забелешките на претседателот. Па потоа, тој е должен да го потпише указот.