По емитувањето на прилогот на ТВ21 за ветената Поликлиника во Сарај, како што се чини постапката за старт на изградбата се забрза. Вицепремиерот Бујар Османи, во емисијата „Клик Плус“, рече дека в петок ќе има аукција за избор на градежната компанија. Тој рече дека било залудно одолговлекувањето на овој проект, со образложение од страна на властите дека се занимавале со пандемијата.
„Да ви кажам искрено не знам зошто задоцни, обичен административен застој во Министерството за здравство, со образложение дека се занимавале со пандемијата и немале можност да организираат аукција. Меѓутоа, денеска министерот ми вети дека в петок ќе се организира лицитација за избор на компанијата.“, рече Османи.
Генералниот секретар на Движењето Беса, Аријанит Хоџа, рече дека одолговлекувањето се прави со цел изградбата да почне што е можно повеќе пред избори. Според него, медиумскиот притисок ја забрзал постапката за отпочнување на градежните работи.
„Јас ви гарантирам дека ако ТВ21 не го покренеше ова како проблематично прашање, немаше да се забрза постапката до оваа фаза.“, рече Хоџа.
Жителите на Сарај деновиве предупредија дека во знак на протест ќе го блокираат автопатот Скопје-Тетово. Поради тоа, градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, синоќа на неговиот Фејсбук профил, напиша дека в понеделник ќе се одржи аукција за постапката за набавка и изборот на компанијата која ќе ја гради Поликлиниката, истовремено повикувајќи ги граѓаните да го откажат протестот. Инаку, во февруари 2019 година, Беџети заедно со заменик-министерот за здравство, Асим Муса им ветија на жителите на Сарај дека наскоро ќе добијат Поликлиника.
