„Замени го хиџабот со капа и ќе учествуваш на ОИ“ – Сила се согласи!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На француската атлетичарка Сункамби Сила ќе и биде дозволено да учествува на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз со капа што и ја покрива косата, наместо со хиџаб, по договор со Францускиот олимписки комитет. Сила вчера изјави дека и е забрането да учествува на свеченото отворање поради носење хиџаб.

„Со Сила се водеа дискусии во консултација со Француската атлетска федерација, француското Министерство за спорт, организаторите и модниот бренд Берлути. Нејзе и беше понудена можност да носи капа за време на парадата, што таа го прифати“, се вели во соопштението на Францускиот олимписки комитет.

Франција го спроведува строгиот принцип на секуларизам, иако е критикувана за кршење на човековите права на слободата на вероисповед. Во средата, претседателот на францускиот олимписки комитет рече дека француските олимпијци се обврзани со секуларните принципи кои важат за работниците во јавниот сектор во Франција и кои ги раздвојуваат државата и религијата.

Сила, која ќе ја претставува Франција во мешаната и женската штафета, објави порака на Инстаграм во која вели дека договорот е постигнат.

„Конечно постигнав договор и ќе учествувам на свеченото отворање. Сакам да им се заблагодарам на сите од се срце за мобилизацијата и поддршката“, напиша 26-годишната Сила.