„Занемарени препораките од ЕУ“ – Цаца Николовска за распуштање на советот: Мешање на извршна во судска власт

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Да не се занемаруваат препораките од Оценската мисија на ЕУ за реформи во Судскиот совет, порачуваат дел од правните експерти, по најавата на власта дека целосно ќе го распушти актуелниот состав на Советот. Според поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, наспроти идејата за целосно распуштање, важно е да се цени индивидуалната одговорност. Европските експерти изготвија 40 препораки за реформи, но од Министерството за правда нема одговор што ќе прават со препораките кои се во нивна надлежност.

„Не е во ред ниту во однос на меѓународната експертска јавност, ниту во однос на националното постапување да се занемари оваа работа и потребно е, и ако нема политичка волја, да ја створат таа политичка волја, да ги погледнат тие сите работи и да дадат пред јавноста објаснување.“, вели Маргарита Цаца Николовска.

Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека останува на предизборното ветување за распуштање на Советот, ако во меѓувреме не добие подобар предлог за реформи. Тој ја отфрли, како што вели, тезата на опозицијата дека под притисок на ЕУ би се откажал од намерата.

„Никој не може да ми ја свитка раката, голем сум, фала му на Бога.“, вели Христијан Мицкоски.

За Брисел, идејата за распуштање на Советот ќе претставува прашање на сериозна загриженост, поради мешање на извршната во судската власт. Ваков став имаат и дел од домашните експерти.

„На ваков начин, без некои аргументи коишто биле предмет на јавно презентирање, јавна дебата итн., претставува мешање во работата на судската власт, ако ништо друго извршната власт кога евентуално носи некои свои одлуки треба да бидат јавно презентирани и аргументирани.“, вели Маргарита Цаца Николовска.

Со препораките на европските експерти се предлага членовите во Советот да се бираат во Собранието на начин како и членовите на Антикорупциската комисија. Исто така, во иднина членовите на Советот би биле предлози на Адвокатската комора и професорите по право, а се менуваат и одредбите за потребното искуство во струката. Евроамбасадорот Дејвид Гир неодамна кажа дека токму овие препораки се патоказот за реформи на Судскиот совет.