Западна Македонија останува без ученици – Вешала со затворени врати, во Бозовце само двајца првоодделенци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заврши процесот на запишување на учениците во основните училишта во Општина Тетово. И оваа учебна година, во селото Вешала во реонот на Малесија не е запишан ниту едно прваче, поради што училиштето во ова село ќе остане затворено. Во соседното село Бозовце, пак, се запишани само двајца ученици во прво одделение, со што вкупниот број ученици во сите паралелки во ова село изнесува само шест. Сепак, според директорот на основното училиште „Беса“, Шефајет Рамадани, овие издвоени паралелки ќе продолжат да функционираат со посебна одлука како заштитени училишта.

„Во училиштето „Беса“ во Вешала имаме малку проблеми поради иселувањето на учениците и таму немаме запишано ниту еден ученик, додека во другото издвоено училиште во селото Бозовце имаме запишано двајца ученици во прво одделение, тројца ученици имаме во трето одделение и еден ученик имаме во деветто одделение. Така што училиштата се во рамките на заштитата бидејќи се наоѓаат на голема оддалеченост, се планински села и се заштитени, така што ќе функционираат, во моментов ќе функционираат како паралелки“, изјави Шефајет Рамадани, директор на ОУ „Беса“.

Од Секторот за образование на Општина Тетово информираат дека, и покрај драстичниот пад на бројките во планинските села, на ниво на општината бројот на запишани првачиња останува ист како минатата учебна година.

„И што се однесува до бројките во споредба со минатата година, каде што знаете дека имавме тренд од година во година на намалување на бројот на ученици, нагласувајќи дека од 2020/21 година наваму, за среќа оваа година, во споредба со учебната 2025/2026 година, немаме некоја драстична промена на бројките, приближно се ист бројот на ученици во основните училишта“, изјави Назми Даути, сектор за образование – општина Тетово.

Дека Западна Македонија, поточно реонот Малесија се соочува со голем демографски пад покажува и состојбата во селото Шипковица, најголемото населено место во оваа област, каде што оваа година се запишани само осум ученици во прво одделение.

Оддалеченоста од градот, недостатокот на перспектива во сточарството и земјоделството, како и интензивното иселување кон странски земји, од година во година ги празнат планинските села. Иако Општина Тетово пред неколку месеци обезбеди бесплатен превоз за жителите на Вешала и Бозовце, оваа мерка не успеа да го запре трендот на иселување на младите семејства.