Западнонилска треска стигна во Куманово – досега 53 случаи, 21 пациент сѐ уште хоспитализиран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потврден е еден случај на Западнонилска треска во Куманово, додека надлежните служби веќе ја спровеле епидемиолошката анкета за да утврдат каде и како дошло до изложувањето.

-Да, има потврден случај во Куманово. Таму е спроведена епидемиолошка анкета со членовите на семејството. Постои можност за изложување во близина на реката Пчиња, моментално работиме прецизно да утврдиме преку географско мапирање каде се наоѓа таа зона, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Шест пациенти со Западнонилска треска во моментов се на интензивно лекување, додека кај 18 од нив е потврдена инфекцијата со вирусот на Западен Нил, а за тројца пациенти сè уште се чекаат резултатите од анализите.

-Пациентите континуирано се отпуштаат од болница, неодамна беше отпуштена и најмладата пациентка од Студеничани, додека очекуваме наскоро од хоспитализација да биде отпуштен и најмладиот пациент, 26-годишен од Зелениково. Кај младите формата на болеста е полесна, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Вкупно досега се евидентирани 53 пациенти кои биле инфицирани со Западнонилската треска. Од нив, 50 се потврдени, додека 3 остануваат сомнителни и ги очекуваат резултатите од дополнителните тестирања. Според информациите од Министерството за здравство, досега се регистрирани и пет смртни случаи.