Неколку месеци биле следени, а вчера цел нарко конвој беше пресретнат од МВР во соработка со Американската служба за борба против дрога.
„На патниот правец Прилеп-Росоман во близина на с. Раец биле запрени Ауди А8 со скопски регистарски ознаки во кое биле пријавените К.С и М.З. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога“, истакна портпаролот Сузана Прањиќ.
Или вкупно 200 килограми, во вредност од 800.000 евра, по што проверки се извршени во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и Битола, кои според МВР се поврзани со второосомничениот Александар Ушиликовски.
Како што дознаваме, марихуаната е земена токму од овие две фабрики и требало да биде прошверцувана, а потоа продадена во селото Радобил, за да заврши на нарко пазарот во Грција.
Уапсен е и началникот на прилепската полициска станица, Кире Спирковски кој бил во првото возило од нарко конвојот и служел како чистач, за да не биде откриена пратката.
Уапсен е и жител на Гевгелија кој според полицијата е организатор на групата. Приведени се и лица од Битола, Куманово и Струмица, а при претресите пронајдени се и оружје, муниција, како и пари кои потекнувале од украден банкомат.
Сите шест лица се изнесени пред судија на претходна постапка.
