Започна изградба на автопатот Скопје-Блаце: Инвестиција од 222 милиони евра, треба да заврши до 2030 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сите по ред фрлија по една лопата за камен-темелникот на автопатот Скопје-Блаце.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека овој проект е последниот сегмент кој ќе го претвори стариот пат во автопат, поврзувајќи ја Македонија со двете морски пристаништа, она во Драч во Албанија и она во Бар во Црна Гора, но и дека трговската размена со Косово уште повеќе ќе се зголеми.

„Истовремено се создадоа услови на територијата на земјата да се изградат 6 автопати, нешто што никогаш во минатото не се случило: сегментот Блаце-Скопје, сегментот Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Букојчани-Кичево, Кичево-Охрид и Прилеп-Битола. Нешто што навистина претставува историски момент за нас граѓаните и воопшто за државата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти рече дека отсега Приштина и Скопје се блиску, како во слободното движење на граѓаните и транспортот на стоката, така и во дипломатските и државните односи.

„Ние сме две држави кои имаат голем број на граѓани кои се движат од двете страни на границата. Нашите семејства, студенти, работници, професионалци и нашиот бизнис секојдневно се движат меѓу Косово и Северна Македонија. Само преку царинскиот пункт во Елез Хан годишно поминуваат околу 54 илјади камиони, или околу 150 камиони дневно. Затоа секој нов километар пат што нè приближува е инвестиција во животот на нашите граѓани и во економскиот развој на двете земји“, изјави Албин Курти, премиер на Република Косово.

За инвестицијата за вториот дел од Скопје-Блаце земен е кредит од 167,6 милиони од Европската банка за обнова и развој, додека грантот од рамката на ЕУ за Западен Балкан изнесува 30,82 милиони евра. Преостанатиот дел од 23,58 милиони евра се финансира од буџетот на ЈП „Државни патишта“.

„Несомнено дека позитивните страни и придобивките што ќе бидат од овој проект ќе бидат големи, поврзувањето со Косово е многу важно и не само со сите наши соседи. Ќе имаме поблиско регионално поврзување, економски развој, понапредна трговија, побрз и побезбеден транспорт. Нашата семејна и роднинска врска ќе биде уште полесна и почеста, така што позитивните страни од овој проект се видливи и само ќе продолжат да се зголемуваат“, изјави Калтрина Зеколи, заменик-министерка за транспорт.

Самото проектирање чинеше 3,1 милиони евра, а средствата се обезбедени од грантови, за проектантите „АДТ Омега“ и „Хил Интернешнл“. Автопатот има по две сообраќајни ленти во двете насоки, секоја со ширина од 3,5 метри и по една лента за итни случаи со ширина од 2,5 метри. Вкупната ширина на автопатот достигнува 27,5 метри.

„Со проектот се предвидени 5 тунели во двете насоки, 8 мостови, 11 подвозници, 4 галерии, 9 странични потпорни ѕидови или околу 40 објекти, како што ги нарекуваат градителите. Рокот за изградба на овој пат е 4 години. Фазата на експропријација е решена со над 65 проценти и нема да биде пречка како кај другите проекти“, изјави Коце Трајановски, директор на ЈП „Државни патишта“.

Компанија која ќе го гради овој дел од автопатот во должина од 10,5 километри е „Гранит“, која го потпиша договорот со државата и од денеска ги започна работите на терен. Проектот ќе чини 222 милиони евра заедно со петгодишното одржување по пуштањето на патот, кое се очекува да биде во летото 2030 година.