Универзитетот „Мајка Тереза“ сè уште нема свој објект. Студентите на овој Универзитет студирањето го следат во два објекти, во ОУ „Битолски конгрес“ и ССМ. За објектот ректорот на Универзитетот, Изет Зеќири рече дека се очекува реконструкција на касарната „Илинден“ со што некои факултети ќе бидат префрлени таму.
-Правиме напори за реконструкција на касарната „Илинден“ која е сопственост на „Мајка Тереза“, сега сме во постапка на отуѓување на имотот. Се надеваме дека објектот ќе биде реновиран и дел од студентите ќе се преселат таму. Исто така, паралелно со владината одлука помина и проектот „УМТ“. Работиме и во насока на подобрување на инфраструктурата, вели Изет Зеќири, ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“.
За професорскиот кадар на Универзитетот „Мајка Тереза“ Зеќири изјави дека има доволно кадар и дека нема пречки во спроведувањето на наставниот процес.
-Универзитетот „Мајка Тереза“ има вкупно 99 академски професори и мислам дека за постоечките програми овој кадар е доволен но нормално за реализација на образовниот процес ангажираме и хонорарно кадар врз основа на критериумите и немаме никакви пречки во наставниот процес на Универзитетот, додава ректорот Зеќири.
Инаку, на овој универзитет од денеска започна пријавувањето на новите студенти. Пријавувањето трае до 31 август. Одлуката за упис на кандидатите ќе биде објавена на 5 септември.
