Започнаа работите кај патот на викендиците на Попова Шапка, сопственици подготвени да придонесат финансиски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Попова Шапка конечно почна да се работи на изградбата на патот до викендичките. Градоначалникот на Тетово Билал Касами рече дека овој пат ќе се гради по сите стандарди.

„Проектот е целиот пат, инфраструктурата внатре во викендиците, да се обнови и санира, да има нов пат со сите услови и стандарди, а од едната страна на коловозот ќе има тротоар. Ќе имаме инвестиција која беше одамнешна за улицата и населбата на викендиците во Попова Шапка како туристички центар“, вели Касами.

Претседателот на месната заедница, Авзи Ризвани, рече дека заедно со сопствениците на викендиците се подготвени финансиски да придонесат со цел да се асфалтира овој пат.

„Во соработка сме и мислам дека ќе ја постигнеме целта, ние како граѓани на оваа населба ќе се потрудиме максимално да помогнеме со финансиски средства и се надеваме дека ќе успееме. Овој проблем е сериозен, но никогаш не наидовме на разбирање за нашите проблеми и оваа гарнитура беше повеќе од подготвена да и помогне на оваа населба.“, вели Ризвани.

Годинава општина Тетово треба да почне со изградбата на клучката кај село Лисец. Касами го вети урбанистичкиот план во ова туристичко место и според него таму се планирани хотели и викендици.