Брајчино и годинава ќе биде центар на културните, гастрономските и музичките случувања во Преспа. Од 3 до 5 јули ќе се одржи осмото издание на фестивалот „Запознај ја Преспа“, кој преку богата тридневна програма има за цел да ги поврзе луѓето и традициите од трите крајбрежја на Преспанското Езеро – во Македонија, Грција и Албанија.
Фестивалот ќе започне на 3 јули во дворот на училиштето во Брајчино со настап на ресенската група „Персиди“, која ќе приреди музичка посвета на неодамна починатиот македонски пејач Владо Јаневски. На свеченото отворање ќе настапи и женскиот хор на КУД „Преродба“ од Прилеп со изведба на староградски песни.
Во рамки на отворањето ќе биде претставен и обновениот стар селски казан за варење ракија, кој е реставриран со поддршка од Европската Унија и отсега ќе функционира како музеј и информативен центар. Вечерта ќе продолжи со музичката програма „Ноќ без интерпункција“, наменета за помладата публика.
Вториот фестивалски ден, на 4 јули, е резервиран за традиционалната преспанска кујна. На полјаната во Брајчино ќе бидат изложени локални земјоделски производи и домашни специјалитети, а посетителите ќе имаат можност да дегустираат автентични јадења и пијалаци подготвени од локални производители.
За музичкиот дел од програмата ќе се погрижат гостите од Грција „Valkanis Brothers Brass Band“, „Флавио“ со корчански серенади, како и повторно групата „Персиди“. Во попладневните часови ќе настапи и „Hot Jazz Orchestra“ со репертоар инспириран од раниот џез и медитеранскиот свинг.
За љубителите на поинаква атмосфера, предвиден е музички настан на локацијата Рудина, каде кардиологот Игор Спирковски, под името „Coma Collective“, ќе биде музички селектор за време на зајдисонцето над Преспанското Езеро.
Вечерта ќе заврши на плажата во Долно Дупени со настап на повеќе диџеи и електронска музика. Организаторите велат дека со овој настан сакаат да испратат порака за што поскоро отворање на граничниот премин „Маркова Нога“, што би придонело за поголема поврзаност и развој на регионот.
Во програмата се вклучени и проекции на два документарни филма посветени на мултикултурното наследство и иселеничката историја на Преспа, додека последниот фестивалски ден ќе заврши со традиционална телешка чорба подготвена од жителите на Брајчино.
Фестивалот „Запознај ја Преспа“ е инициран од невладината организација „Преспа ГРАД“ и се реализира во рамките на проектот „Истражување на неистражените патеки за одржлив развој“, кој се спроведува во соработка со партнери од Грција и Албанија, со поддршка од програмата „ЕУ за Преспа“.
