Заработија казна бидејќи со автомобил славеа на улица – полицијата вели дека ги прекршиле сообраќајните прописи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вака во Куманово беше прославена победата на Швајцарија против Србија на Светското првенство. Но, радоста на навивачите не траеше долго, бидејќи добија казни од полицијата.

Граѓанин кој тврди дека таа вечер случајно се нашол на улицата каде се славело, во редакцијата на ТВ21 ја испрати казната во вредност од 430 евра.

Во првата казна пишува дека возилото било паркирано на раскрсница, а во втората пак, дека лицето не постапило согласно сообраќајните правила и прописи. Ова не е единствениот граѓанин што се пожали. Има и други граѓани кои заработија казна, иако таа вечер случајно возеа во колоната, велат за ТВ21.

„Ве известуваме дека во врска со наведениот настан, во СВР Куманово на информативен разговор биле повикани повеќе од 10 лица затоа што било констатирано дека направиле различни прекршоци, како непочитување на даден знак стоп од полициски службеници и непочитување наредба на полициски службеници. По извршените разговори лицата биле ослободени, а по документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од СВР Куманово.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, вели дека граѓаните треба да бидат крајно внимателни кога слават, а однесувањето на навивачите го нарече недолично.

Пред 20-тина дена, кога всушност се случи настанот, градоначалникот Димитриевски побарал одговор од началникот на СВР-Куманово дали има нарушување на јавниот ред и мир и кршење на законот, но, како што вели, досега не добил никаков одговор.