Заштедите во домашните банки изнесуваат 5,27 милијарди евра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Фондот за осигурување на депозити и Македонската банкарска асоцијација го одбележуваат Светскиот ден на штедењето, 31 октомври. Овој ден се одбележува низ целиот свет со цел да се промовираат личните заштеди во банките и штедилниците, да се потсетиме на важноста од редовното штедење, креирање на мрежа на заштита на депозитите и да потсетиме дека заштедите му помагаат и му овозможуваат на поединецот да ги постигне своите цели и идеи.

Прославата на Денот на штедењето се фокусира на улогата на стабилизатори во општеството која ја имаат штедењето и банкарството во целокупниот финансиски систем. Стабилноста произлегува од довербата во банките кои се одговорни партнери во општеството, блиски се до клиентите, ги опслужуваат домаќинствата и ги помагаат малите и средни фирми.

Едукацијата и потсетувањето на луѓето за културата на штедење се неопходни особено во услови на глобална економска криза, која за жал ја зголемува невработеноста и сиромаштијата ширум светот.

Денес, и покрај силните надворешни негативни влијанија врз економијата во Македонија, банкарскиот сектор во Република Северна Македонија може да се оцени како стабилен, цврст, отпорен на глобалната криза предизвикана од воениот конфликт кој сè уште трае и се разгорува во Украина, а на кој му претходеше долга и сурова борба со пандемијата предизвикана од заразната  болест COVID-19.

Доказ за цврстината на банкарскиот сектор е вкупниот износ на депозитите на населението кој во септември 2022 година изнесува 325 милијарди денари или 5,27 милијарди евра или изразено во проценти, тоа претставува пораст од 5,41% споредено со истиот период минатата година. Стабилноста на банкарскиот сектор е резултат на осигурувањето на депозитите на население кое се врши преку Фондот за осигурување на депозити, секогаш подготвен за брзо и навремено обесштетување на депонентите при ризичен настан.

Финансиската стабилност е важна заради кредитна поддршка на малите и на средните компании, што придонесува за јакнење на економијата во целина. Поголеми депозити значат и поголеми инвестиции во стопанството.

Секој заштеден денар е денар инвестиран во иднината.