Оваа дива депонија се наоѓа меѓу село Глоѓе и Доброште во општина Теарце. Иако на самиот влез има рампа, таа скоро постојано е отворена и на тој начин граѓаните фрлаат отпад. Поголемиот дел од отпадот е градежен шут и отпад од домаќинствата.
Се обидовме во село Глоѓе да прашаме повеќе жители, но само еден прифати да зборува при што призна дека и селаните фрлаат отпад.
Има и од селото, но и од другите села кои овде фрлаат отпад.
-Дали општината ја има исчистено некогаш?
Исчистија, но пак фрлаат и пак се полни, ние пак фрламе.
Дали го собираат отпадот и по куќите?
Да, секоја сабота доаѓаат да го соберат.
Градоначалникот на Теарце Нухи Незири, вели дека имаат сознанија за ваквите проблеми и дека бараат институционално решение, а цврстиот отпад е носен од другите општини во текот на поплавите. А за отпадот од домаќинствата ги обвинува граѓаните.
„Низ територијата на општина Теарце има неколку диви депонии кои претставуваат сериозна грижа за да ги третираме и пренамениме. Тоа е одговорност и совест на секој граѓанин, дадовме концесија за собирање органски или отпад од домаќинството, каде што операторот нема поставено никакви филтри или не врши нивна селекција, собира се, и овде ја имаме несовесноста на граѓаните кои немаат контејнери или не поседуваат а операторот оваа работа ја врши секоја недела или четири пати месечно.“, рече Незири.
Прашавме и во Секторот за внатрешни работи колку граѓани на Теарце се казнети за фрлање отпад. Официјалните податоци покажуваат дека ниту еден граѓанин не е казнет годинава, а во 2022 година 5 граѓани. Општина Теарце е заштитено подрачје поради природни извори, но и покрај тоа оваа општина се уште нема канализација, а е преполна со диви депонии.
