Пукање во ресторан, вчеравечер после 21 часот, ги вознемири чаирчани. Од МВР потврдуваат дека е застрелано 31-годишно лице. Сепак, оттаму не ги потврдуваат информациите дали станува збор за пресметка меѓу две групи кои имале меѓусебни недоразбирања.
„Во СВР Скопје е пријавено дека во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ бил донесен 31-годишниот Д.Б. од Скопје, кој се здобил со повреда од огнено оружје на територија на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.“, вели Гоце Андреевски.
Од Болницата информираат дека застреланиот сега е во стабилна состојба, но ќе му претстојат дополнителни операции.
„Опериран е во текот на ноќта и е стабилизирана состојбата со повредите во предел на стомачната празнина. Останува се уште повредата на ‘рбетниот столб. // Во текот на утринава направени се конзилијарни прегледи и ќе треба да се оперира и повредата на ‘рбетниот столб, со тоа што во моментов поради сериозноста на повредата не се одлучивме веднаш за операција.“, вели д-р Небојша Настов
Додека МВР го истражува случајот и трага по сторителот, граѓаните кои ги анкетиравме во непосредна близина на местото на настанот се со поделени мислења за безбедноста во градот.
„Полицаец овде не сум видел десет години. Полицијата е катастрофа овде. Кој што сака тоа прави.“
„Некаде е добро, ама некаде слабо. Повеќе полиција да има, да има контрола, за на народот да му е малку помирно, побезбедно да биде.“
„Безбедно е, нема ништо. Има некогаш пукање тука кај „Фафа“ ресторанот, ама тоа се свадби вака… Само тоа.“
Прашањето за безбедноста неодамна беше и тема за меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата. Од СДСМ обвинија дека МВР, водено од Панче Тошковски, има катастрофален учинок во расчистување на убиствата, а тоа ги охрабрувало „пиштолџиите“. Од ВМРО-ДПМНЕ пак одговорија дека во времето на Оливер Спасовски полициски службеници заедно со криминалците учествувале во директни пресметки и со тоа го јакнеле подземјето.
