Затворен угостителски објект, приведени сопственикот и странски државјанки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Гостиварската полиција, во содејство со Државниот пазарен инспекторат, синоќа во 20.30 часот изврши контрола во угостителски објект во гостиварското село Неготино, каде биле затекнати 30 гости, бенд и 13 девојки кои ги забавувале гостите, по што сопственикот е приведен.

МВР денеска соопшти  дека при контрола на угостителскиот објект во сопственост на С.Т. (21) од село Неготино биле затекнати 30 гости, бенд со четири изведувачи и 13 женски лица, од кои пет странски и осум македонски државјанки, кои ги забавувале гостите и било констатирано дека не биле почитувани протоколите за спречување на ширењето на Ковид 19.

– Притоа, сопственикот се однесувал агресивно и се заканувал на полициските службеници и инспекторите од Државниот пазарен инспекторат. Тој бил лишен од слобода и приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе бидат поднесени пријави по член 206 од Кривичниот законик за „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ и член 144 од Кривичниот законик за „загрозување на сигурноста“, се наведува во соопштението од МВР.

Во полициска станица, информираат од МВР, биле приведени и странските државјанки и тоа две од Косово, две од Албанија и една од Србија поради злоупотреба на туристичкиот престој.

Објектот бил затворен од Државниот пазарен инспекторат.