Поминаа две недели откако беа опожарени канцелариите на Државниот инспекторат за животна средина. Секторот за внатрешни работи – Скопје, презема низа активности, но до Основното јавно обвинителство сѐ уште не доставиле комплетирана документација.
„Од страна на СВР – Скопје, согласно Законот за кривична постапка, преземени се низа мерки и активности за што до ОЈО Скопје поднесено е писмено известување. По завршување на активностите и комплетирање на документацијата, СВР – Скопје до ОЈО ќе достави соодветен поднесок, за што дополнително ќе бидете известени“, велат од МВР.
Од Обвинителството велат дека сѐ уште постапуваат по информациите, но доколку се утврди дека избувнувањето на пожарот содржи кривично дело, тогаш ќе отворат случај.
„Доколку притоа биде утврдено дека пожарот е резултат на кривично дело, Обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности”, посочуваат од ОЈО.
Но, доколку не се утврди дека има кривичен прекршок, тогаш случајот се затвора без да се откријат причините за пожарот. Таков беше случајот со пожарот пред две години во Министерството за правда. Како што велат од Обвинителството за ТВ21, поради тоа што изгореле канцелариите на четвртиот кат во Министерството, не било утврдено кривично дело и не е започната истражна постапка, поради што и причините останаа непознати.
„Од анализа на сите направени проверки во текот на предистражната постапка произлезе дека од кривично – правен аспект не постои основано сомневање дека пожарот настанал како резултат на кривично дел“, додаваат од ОЈО.
Од пожарот што се случи на 9 септември во Државниот инспекторат за животна средина, изгоре една канцеларија за односи со јавноста на Министерството за животна средина и неколку простории на Медиумската информативна агенција (МИА), кои во моментов бараат нови канцеларии каде ќе продолжат со работа. Инаку, две недели граѓаните не можеа да извадат документи, бидејќи поради пожарот во прекин беше електричната енергија и во салата „Една точка за услуги“ која исто така е сместена во објектот каде избувна пожарот.
