Завршил мастер, но свири на улица – Украинец ја бара среќата во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Овие звуци можеби никогаш не сте ги слушнале досега. Тие се од инструментот Хапи Друм, на кој свири 27 годишното момче од Украина. Се вика Роман, завршил мастер по право, а веќе 3 години заминал од неговиот дом и посетил 30 држави.

„Моето прво искуство со улична музика беше во Молдавија, Кишинев. Бев сам и не знаев што да правам. На почеток одлучив да свирам музика на улица но по неколку минути бев засрамен и се почувствував како просјак, како да барав пари“, вели Роман Имшенитски – уличен уметник.

Уличниот уметник веќе еден месец свири по улиците на главниот град. Скопјани му изгледаат како многу дружељубиви, а и полицајците кои како што рече не му направиле проблеми.

„Јас овде дојдов од Бугарија и мојот прв впечаток кога дојдов беше дека луѓето се многу пријатни. Во Бугарија бев со еден пријател од Канада и го баравме големиот Базар и кога ги прашувавме граѓаните за адресата, тие ниту зборуваа со нас. Ни велеа, не, не, бегај. Кога дојдов овде, наутро со автобус, застанав со карта на улица за да го барам мојот мотел и многу луѓе застанаа да ме прашуваат што барам, ме прашуваа од каде сум и ми нудеа помош. Од прв дена сфатив колку луѓето овде се дружељубиви“, додава Имшентски.

Украинецот прави и алки од монистри кои можете да ги купите по каква цена сакате. Вели дека од тоа не добива многу, но за него среќата е во патувањето од едно место на друго, а среќата не можел да ја најде во неговата татковина.

„Со овие патувања, можам да кажам, многу ми се сменил животот, јас бев тотално друг човек во 2017 година, кога бев во Украина и сега сум целосно друг. Не се принаоѓам себеси во мојот дом. Вие секогаш можете да најдете нешто што ќе ве прави среќни. Можете да живеете во одредена околина и да мислите дека е совршено за вас, но тоа се случува бидејќи не знаете што има надвор од таа  околина и кога вие ќе излезете надвор ќе најдете подобро место за вас. Обидете се да ги смените нештата ако чувствувате дека така треба“, додава Имшентски

Неговата порака е секој човек да ја бара и да ја најде среќата. Роман вели дека ќе продолжи да ги посети и другите земји, а неговиот сон е да напише и книга.