Завршува реконструкцијата на историскиот објект на поранешното Министерство за одбрана во Струга

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реконструкцијата на објектот на поранешното Министерство за одбрана во Струга е во завршна фаза, беше констатирано при денешниот увид што го извршија министерот за култура и туризам во заминување Зоран Љутков, градоначалникот на Струга Менди Ќура и директорот на НУ Завод и Музеј – Охрид, Горан Патчев.

Станува збор за објект изграден во 1934 година, кој претставува едно од препознатливите архитектонски обележја на Струга и е заштитено културно наследство.

Од Општина Струга информираат дека со реконструкцијата на фасадата и кровната конструкција се обезбедува долгорочна заштита на објектот, како и зачувување на неговиот автентичен изглед.

„Објектот, изграден во 1934 година, претставува заштитено културно добро кое сведочи за историјата и урбаниот развој на Струга. За реализација на проектот Министерството за култура и туризам обезбеди 9.114.000 денари, а конзерваторско-реставраторските работи се во завршна фаза“, соопштија од Општина Струга.

Градоначалникот Менди Ќура истакна дека зачувувањето на културното наследство е еден од приоритетите во развојот на Струга, нагласувајќи дека ваквите инвестиции не претставуваат само обнова на објекти, туку и заштита на историскиот идентитет, традицијата и препознатливиот изглед на градот.