Иако здравствениот систем во земјата се дигитализира, традиционалните здравствени книшки сè уште не се целосно исфрлени од употреба. Електронските картички остануваат нефункционални, а како што истакнува министерот за здравство Азир Алиу, постапката со години се води на суд и сè уште не е завршена.
„Значи здравствените книшки, за жал, се користат затоа што со картичките, за жал, беше политички злоупотребено и процесот сè уште е на суд, не е завршен… сè уште е на суд“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.
Претседателката на Здружението на матични лекари оценува дека класичните здравствени книшки постепено би можеле да се укинат, но нагласува дека мора да постои безбеден систем во кој ќе се чуваат сите важни информации за пациентот, како алергии, терапија, хронични болести и медицинска историја.
„Мислам дека книшките можат и да се укинат, но ќе мора да има опција каде ќе постојат информации за секој пациент за алергиите… Јас бев дел од проект што се правеше пред многу години, тогаш министер беше Бујар Османи… Идејата беше добра, не би било лошо повторно да се изработи таков проект“, изјави Лилија Чолакова Дервишова – претседателка на Лекарската комора на матични лекари.
Таа се осврна и на целосната дигитализација на други здравствени услуги, како издавање рецепти и упати, за кои пациентите сè уште мора лично да доаѓаат кај матичниот лекар.
„Добро е тоа што побрзо да се укине, да не печатиме упати, да не печатиме рецепти. Со многу министри и директори на фондот сме се согласиле за тоа, но никако да го финализираме. Ако сте, на пример, во Охрид, а ви треба упат, зошто јас да не можам електронски да го издадам? Целта е во интерес на пациентите“, додаде Чолакова Дервишова.
Инаку, пред два месеци министерот Азир Алиу најави измени и дополнувања на Законот за евиденции во здравството, со кои се предвидува забрзување на дигитализацијата на здравствениот систем и постепен премин кон електронски здравствени досиеја на пациентите.
