Претседателот на Алтернатива Африм Гаши не се согласува да и го отстапи Министерството за здравство на Алијанса за Албанците. Ова во изјава за порталот Нистори го рекол токму Гаши кој истакна дека доколку премиерот не е задоволен од работење на министерот Беким Сали тогаш Алтернатива ќе го замени и на негово место го предлага пратеникот и поранешен министер за култура Хисни Исмаили. За ова побаравме потврда од оваа партија.
„Ја разбираме заинтересираноста на јавноста, но во овој момент партиските органи на Алтернатива се уште немаат конечен став поврзано со актуелните случувања во политичката ситуација во Македонија. Кога ова ќе се случи граѓаните ќе бидат информирани за сите наши одлуки“, велат од Алтернатива.
Алијанса би го добила и Министерството за правда ресор под раководство на СДСМ кое, неофицијално е веќе завршена работа.
„Ова прашање веќе трет пат го поставуваме за два дена и навистина најголем дел и од медиумите беше лиферувано дека Министерството за правда ќе биде едно од министерствата кое што ќе биде ставено на Пазар 3, фигуративно кажано, дека ќе биде на берза во однос на одредени рокади или во однос на некакви замени на министерските места. Брзата промена на министри не сум сигурен дека претставува најдоброто решение меѓутоа дефинитивно не зависи се од Министерството за правда“, додава Никола Тупанчевски.
На Извршниот одбор на СДСМ која се одржа синоќа веќе е формиран тим кој ќе ги води натамошните преговарања меѓу кои и за кадровските решенија. Покрај претседателот Ковачевски во овој тим ќе учествуваат и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, членот на Централниот одбор Љупчо Николовски и координаторот на пратеничката група Јован Митревски.
„Ова исто така ќе значи зголемување на парламентарното мнозинство. Тоа е чекор напред за проширување на сојузот за поддршка на членството во Европската унија со сите реформи, чекори и потребни одлуки. Јасна диференцијација од двете политички партии во Собранието кои се против Европската унија ВМРО-ДПМНЕ и Левица“, додава Богданка Кузеска.
Третиот ресор би требало да го отстапи ДУИ и веќе се поизвесно е дека тоа ќе биде Министерството за животна средина. Иако и од СДСМ и од Алијанса велат дека нивниот влез во власта е за да се зајакне поддршката за членство во Европската унија, сепак се чини, тоа најмногу ќе значи и обезбедување на мнозинството во парламентот откако се погласни се најавите на огнената група на ДУИ дека ќе се отцепи и ќе формира нова парламентарна група.
