Недостиг од инфектолози и медицински персонал проблем на целиот здравствен систем. И додека болничките капацитети секојдневно се полнат со пациенти болни од Ковид 19 , потврда дека здравството кубури со кадар доаѓа и од првиот човек Венко Филипче. Сепак, според Филипче, доволно e што кадарот се обезбедува преку принципот на ротација.
„Проблемот со кадар е присутен на територијата на целата држава .И секоја една Болница вклучително и Клиниките во Скопје се соочуваат со истиот проблем ,И на самите инфективни одделенија од почеток на кризата не можеа само инфектолозите кои се многу малку на број некаде 50 –ина во целата држава да се справат со огромниот наплив на пациенти“, вели Венко Филипче – министер за здравство.
Проблемот со недостиг од кадар е општ, смета првиот човек во здравството , истовремено не гледајќи потреба од активирање на пензионираните лекари.
„Се уште нема потреба да се ангажираат пензионирани лекари, некои земји тоа го прават. Некои земји ги враќаат на работа дури и лекарите и сестрите кои се дијагностицирани позитивни но се асимптоматски или се во изолација, но ние засега со овој кадар на располагање успеавме да направиме систем на ротација“, вели Венко Филипче – министер за здравство.
Иако според статистиките бројките на заболени од КОВИД 19 секојдневно растат, премиерот Зоран Заев е оптимист. Верува дека најлошото брзо ќе помине.
„Иако сме во екот на најсилен бран верувам дека ќе го пребродиме брзо .Заради тоа што граѓаните веќе во повеќе од 90 до 95 проценти ги почитуваат мерките што само по себе покажува дека е логично да очекуваме во соодветен период да можеме да очекуваме и да почнат да паѓаат бројките“, изјави Зоран Заев – премер.
Не постојат никакви финансиски пречки за ангажирање на дополнителен медицински кадар нагласи Заев, додавајќи дека парите за доопремување и кадровско доекипирање се веќе обезбедени. Токму во оваа насока премиерот Заев при посетата на Општата болница во Струмица реализираше лична донација на амбулантно возило за потребите на болницата.
