Зеќири: Можно е Касами да биде носител на 6-та ИО, за Ѓорчев најважно е да има промена на власта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај острите тонови кои изминативе денови си ги упатија СДСМ и ДУИ, сепак топката се смирува и не се исклучува можноста и двете партии по изборите доколку победат повторно како коалиционери да формираат влада. Како најгласен во критиките кон партијата на Али Ахмети е потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири, сепак вчера и тој рече можноста за тоа останува но дека ДУИ мора да се реформира.

„Секако бројките….. не беше среќно ни од 2017-та јуни што беа со нас, бројките налагаа такво нешто, тие беа нужно зло секогаш велам, секогаш да бидат со нас досега. На нив им треба прочистување внатре со кадри и со луѓе кои што ќе понудат нешто ново. Но, мое мислење е дека време е после толку години власт партија како ДУИ малку да почувствува и како е да се биде во опозиција. “, рече Зеќири.

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ вели дека неговата партија е подготвена да коалицира со албански субјект, но исклучиво по изборите.

„Да, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да коалицира со албанска партија но она што треба да го видиме во меѓувреме, она што е најважно, тоа се изборните резултати. Значи во тој дел коалиционите преговори ќе бидат после изборите, генерално, тоа било и години и години наназад досега“, рече Ѓорчев.

За кандидатските листи на СДСМ и Беса, Зеќири вели дека ќе бидат познати од понеделник и дека е можно Биљал Касами да биде носител на 6-тата изборна единица. За можноста и ДПА да се најде на листите вели дека партијата е отворена за разговори. Ѓорчев запрашан дали тој ќе биде носител на листа, одбегна да одговори и рече дека не е важно кој каде ќе се најде на листата.

„Ние сме отворени за соработка со сите политички партии за можно предизборно коалицирање. Останува уште неколку дена пред Конгресот ако најдеме заеднички јазик, вратата е отворена , се со цел ако се најдеме и заеднички јазик и во однос на усогласување на програмите“, рече Зеќири.

„Ќе знаеме наредниве денови, но она што апсолутно е најважно е тоа да имаме демонтирање и заминување на хибридниот режим на Зоран Заев. Кој ќе биде на кое место во која изборна единица и дали воопшто ќе биде, тоа е апсолутно помалку важно, речиси и неважно. Така што ако нешто е приоритет за овие избори, тоа е да имаме промена на власта“, рече Ѓорчев.

Во врска со тоа каква кампања ќе се води за изборите, Ѓорчев рече дека ќе имаат жестока кампања со многу критики кој владејачката партија, на што Зеќири рече дека и во досегашните нивни активности може да се види дека ќе се фокусираат на тоа што ќе им понудат на граѓаните.