Прашан за изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека министерот за надворешни работи Бујар Османи работел во интерес на Албанија да ги почне преговорите, а на штета на македонските интереси, аналитичарот и екс дипломат Арсим Зеколи во гостување во емисијата Click Plus на ТВ21 му препорача на лидерот на опозицијата да организираат проекција на филмот „Мис Стоун“ во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во овој филм е најантологична сцена на македонската кинематографија, со т.н. комита Мандана кој му пее на едно бебе „ајде да ми растеш бебуле“. Тоа е епично, антолгија“, рече Зеколи.
На прашањето која е пораката, Зеколи вели:
„Пораката е дека тоа бебе е албанско. Нека го гледат и ќе ја разберат улогата, кој е скриен, не се спомнува во филмот дека мајката на тоа дете е Бугарка, Катерина од Банско Бугарија, а таткото на детето е Глигор Цилка од Корча, албански преродбеник. И во времето кога со мисионерката Мис Стоун се киднапираат од комитите, Јане Сандански, Даме Груев и други, македонската историја не сака да каже дека во тоа време сопругот на Катерина, Глигор ЦИлка правеше кампањи во Америка во полза на национално-ослободувачката војна на ВМРО“, вели Зеколи.
За тоа како овој филм би го променил ставот на Мицкоски, Зеколи рече:
„Нема да му го промени, но ако го гледа тој филм, ќе види дека и денеска се случува истото, но пак зависи како сакате да ги гледате работите во политика и дипломатија. Тој сака своите грешки и пропусти, кратковидноста, да ги камуфлира враќајќи се на традиционалната карта на омразата против Албанците“, истакна Зеколи.
Зеколи потсети дека ниту еден албански политичар не го загрозува ниту аспектот на јазикот, а ВМРО-ДПМНЕ одбива да го признае албанскиот јазик.
