Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон со кој се ратификува 100-годишниот договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Документот дефинира долгорочна рамка за соработка во областите на безбедноста, одбраната, економијата, науката, технологијата и културата, објави веб-страницата на украинскиот претседател.
Договорот потпишан од Зеленски и британскиот премиер Кир Стармер на 16 јануари предвидува значително зголемување на воената поддршка. Велика Британија вети дека ќе ѝ обезбедува на Украина најмалку 3,6 милијарди фунти воена помош секоја година до фискалната 2030/31 година, а потоа по потреба, објавува РБК Украина.
Пакетот вклучува воена обука, обука на пилоти, снабдување со авиони, соработка во производството на одбранбена опрема, беспилотни летала и артилерија. Предвидено е и учество на Украина во заеднички експедициски формати, вклучувајќи ги и Заедничките експедициски сили.
Покрај одбраната, договорот опфаќа енергетика, вклучувајќи „зелени“ и критични минерали, научен и технолошки развој, земјоделски технологии, изградба на беспилотни летала, како и културна, образовна и хуманитарна соработка. Документот воспоставува механизми за консултации во случај на закани или агресија и пристапи кон поморската безбедност.
Усвојувањето на договорот создава загарантирана рамка за меѓусебна поддршка за Украина во текот на децениите, што треба да ги зајакне одбранбените капацитети и да обезбеди стабилност, се наведува во договорот. Се забележува дека членството во НАТО е најдобрата гаранција за нејзината безбедност и дека Обединетото Кралство силно го поддржува неповратниот пат на Украина кон членство во НАТО. Договорот ќе остане во сила 100 години, освен ако не биде раскинат од која било страна.
