Зеленски: Русија се подготвува за голема офанзива и напад врз една од балтичките држави

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува оти Русија го ограничува пристапот до социјалните мрежи за да спречи немири во случај на општа мобилизација за нова голема офанзива против Украина или напад врз една од балтичките држави.

Во интервју емитувано синоќа, Зеленски го објасни својот став за ситуацијата.

„Руските ограничувања на социјалните медиуми не се таму за да се ограничи критиката кон шефот на државата. Според мене, целта е подлабока – да се спречат бунтови. Што би можело да предизвика бунтови кај нашиот северен сосед? Голем број работи, голем број сценарија“, рече тој.

„Првата е општа мобилизација, голема мобилизација во Русија. Мобилизација на луѓе од големи градови, вклучувајќи ги, секако, Москва и Санкт Петербург“, додаде Зеленски.

Според него, таквата мобилизација би послужила за една од двете цели.

„Зошто би спровеле толку голема мобилизација? Да започнат уште една офанзива – голема офанзива против Украина. Опцијата Б е да се спроведе помала, паралелна офанзива, со помали трошоци и напори, некаде што може да се помине со помалку борбени сили. Зошто? Затоа што некои држави – на пример, некоја од балтичките држави – не се подготвени за силен отпор“, објасни украинскиот претседател.

Зеленски сумираше дека планот А на Русија вклучува „голема мобилизација, ограничувања на социјалните медиуми и започнување офанзива“.

„Што се однесува до локацијата, мислам дека имаат неколку опции. А тука Путин следи што се случува со земјите од НАТО. Верувам дека тоа ќе го одреди изборот: дали да се интервенира или не“, рече тој.