Семејството Фејзулаху од Тетово има околу 300 стебла цреши, но се соочува со големи тешкотии не само за продажба, туку и за берба, поради недостиг на работна сила. Земјоделецот Вехап Фејзулаху вели дека од оваа дејност веќе нема исплатливост. Ситуацијата е толку тешка што неговиот брат веќе ја напуштил државата, а наскоро и тој самиот ќе замине, оставајќи ја земјата само во рацете на стариот татко.
„Приближно имаме околу 300 засадени стебла. Пазар нема, не се продава, не оди, цената падна. Нема работници да ги соберат. Сè е тоа. Оваа година немавме помош, немавме ништо, не ни помогнаа ништо. Ние ги направивме сите услови, со одгледување, со растење, со прскање, со одржување, пак кога доаѓа работата се уништува… Оваа година има производство, но нема цена. Големопродажната цена беше 50 денари. Во моментов само јас и татко ми се занимаваме, брат ми замина, јас ќе одам… Сите млади што бевме, што работевме заедно, нема никој. Никој веќе не работи во оваа област, сè ќе остане празно“, изјави Вехап Фејзулаху, земјоделец.
За да ја види состојбата одблиску, како и да посети фарма за кокошки и добиток, ова семејство го посети заменик-министерот за земјоделство Албрим Хоџа. Според него, целта на овие теренски посети е директно запознавање со проблемите на земјоделците и сточарите, со цел прилагодување на мерките и програмите за поддршка.
– Без разлика дали се за рурален развој или директни плаќања – со цел и нивниот живот и нивната работа да бидат полесни. За нас, освен во областа на овоштарството или сточарството, покрај редовните директни плаќања, ние нудиме помош и преку Националната програма за рурален развој, како и програмата за финансиска поддршка, изјави Албрим Хоџа, заменик-министер на земјоделството.
За потсетување, во 2024 година овошјето во регионот на Полошко беше оштетено од мраз, а во 2025 година од град, што ги остави земјоделците без никаков род, додека цената на црешите тогаш на пазарот достигна до 250 денари поради недостиг. Според земјоделците, долгорочно решение што државата треба да го направи е забрана на увозот во периодот кога на пазарот излегуваат домашните производи, со цел да им се овозможи продажба на домашниот производ.
