Струмичките земјоделци и денес протестираа и го блокираа центарот на Струмица, барајќи повисоки откупни цени за црвената пиперка. Тие се револтирани од, како што велат, игнорантскиот однос на Министерството за земјоделство и откупувачите. Во моментов екстра класата наменета за извоз се откупува по 40 денари за килограм, додека за преработка цената е 25 денари. Земјоделците велат дека со овие цени не можат да ги покријат трошоците за производство. Протестите започнаа во четвртокот, а земјоделците најавуваат дека ќе продолжат со блокадите. Тие бараат институциите итно да реагираат и да обезбедат повисоки откупни цени. Сезоната на откуп е на самиот почеток, а земјоделците стравуваат од уште поголеми загуби.
„Жално и срамно е на тие временски услови да се бориш. Земјата гори на тоа сонце, а ти се мачиш да произведеш многу роба, а тие сакаат да ти ја земат без пари. Не можеш да опстанеш, а не па да произведеш друго производство за следната година“, вели еден од земјоделците.
„Немаме никаков абер. Немаме никаков абер. Кажаа дека демек ќе се покачи 5 денари. Ние со тие 5 денари не правиме ништо. Нека дадат добра цена, не бараме кој знае каква цена, бараме некоја цена да можеме да преживееме и да извадиме некој денар повеќе“, изјави друг земјоделец.
„Јас сум нов земјоделец, три години работам, ама како оди работава, ќе избегам. Нема никакви цени. Со мало дете, еве машко имам, тоа работи, тоа работи, оти нема кој. На жешково него го носам“, се пожали еден од младите земјоделци присутни на протестот.
