„Зголемен антиагонизам меѓу двете етнички заедници“ – Арсовски: Албанофобијата ја загрозува мултикултурната демократија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И во јавниот дискурс се чувствува зголемен антагонизам и тензија меѓу двете етнички заедници. Вака рече политичкиот експерт Петар Арсовски коментирајќи ја изјавата на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, дека во земјава е формиран хибриден политичко-економски центар против ДУИ, на кого гледаат како синоним за етничка еднаквост. За оваа теза постојат два аспекта, вели Арсовски, оној легитимниот, кој што е зголемено критичко внимание во јавноста, заради долгото време на ДУИ во власта и сконцентрираност на моќта, и оној нелегитимниот кој ја загрозува мултикултурната демократија.

Доколку оваа држава имала застој и стагнација секако дека албанските политички партии, особено ДУИ сега, не можат да бидат виновници за тоа, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Тој додава дека со зголемување на влијанието на Албанците како во политичкиот живот така и во економијата, на некои кругови тоа уште повеќе им смета.

„Секое движење или секој напредок што го прават Албанците или блиските на политичарите во Македонија, се обидуваат да го претстават како крај на Македонија, што мислам дека е оркестрирано движење, мислам дека не се случува случајно. Колку повеќе се зголемува влијанието и одлучноста на Албанците во владеењето, толку повеќе некои центри кои се навикнати Албанците да бидат втора виолина во оваа земја, толку повеќе им пречи бидејќи им го разбиваат монополот што го држат со децении“, вели Алберт Муслиу.

Оваа состојба е резултат и на процесот на уставни измени на кои Албанците и Македонците гледаат поинаку, вели Арсовски, додавајќи дека тоа не може да биде оправдување за создавање албанофобија. Муслиу оценува дека последиците ќе бидат полоши на македонска страна бидејќи ќе го зголемат непријателството и ќе ги зголемат тензиите на нивна страна и нема да знаат како да се справат со нив откако ќе помине моментот.