Со доаѓањето на иселениците е зголемено и количеството отпад во Тетово! На терен се гледаат преполни канти кои шират непријатна миризба, додека нивното собирање, како што изгледа, се врши со задоцнување. Граѓаните бараат итна реакција и поголемо присуство на екипите на терен.
„Сега температурите се над 30 степени Целзиусови. На нив треба да им работи фирмата 24 часа дневно, треба да работи. Како се плаќа за обврските? 50% ги плаќаат овие обврски за чистење на градот, другата половина не плаќаат, каде си видел такво нешто. Пари за свадби имаме, за шетање ваму-таму, за викенди и летни одмори имаме. За облека, за музика на свадби, сето тоа го имаме, таму плаќаме. Обврските кон општината, комуналните или кон чистењето на градот, тие ги немаме.“
„Организацијата не е на потребното ниво. И јас верувам дека и финансиите не се соодветни, навистина.“
„Каква чистота, каков град, ова не е град.“
„Па добро, главно во споредба со другите градови кои се многу загадени, градот е добар.“
Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, ја признава влошената состојба на терен, барајќи од граѓаните поголема внимателност при пренесувањето на отпадот од нивните домови до контејнерите.
„Според статистиките што ги имаме, во овој период двојно се зголемува количеството отпад што треба да се пренесе до станицата, односно регионалната депонија во Русино. Во исто време ги молиме граѓаните да бидат повнимателни при пренесувањето на отпадот од нивните домови до контејнерите. Исто така, ние сме во редовна комуникација и со претпријатието, фирмата што управува со отпадот, за да го зголемат, односно да ја зголемат фреквенцијата на собирање на отпадот. Имаме и преку апликацијата каде што граѓаните, доколку има некоја локација каде што се собрал поголем отпад, го пријавуваат и има и акции надвор од она што претпријатието го има предвидено со програмата.“, рече Касами.
Инаку, во споредба со месец јуни, граѓаните плаќаат 20% поскапи сметки за отпад. Поскапувањето не го почувствуваа само домаќинствата, туку и бизнисите, на кои сметките им се зголемени за цели 50%.
