Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека не му се извинил на Зијадин Села за 27 април, туку дека само изразил жалење за крвавите настани од 2017 година.
Но, минатата недела генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари тврдеше поинаку:
-Денот на средбата во „Хилтон“ тука во Скопје уште еднаш побара јавно извинување за настаните од 27-ми април-рече Таравари.
Запрашан за ова, денеска Таравари рече дека можеби превел погрешно.
-Изрази жалење, емпатија, што е тоа – поддршка за она што се случи или оградување од тоа. Ако под тоа подразбирате извинување, јас можеби не сум го превел соодветно зборот „извинување“. Изрази жалење бидејќи не се согласува со она што се случи-рече Таравари.
Но, што всушност рекол Мицкоски дента кога се сретнал со Села и Гаши?
Иако Мицкоски вели дека нема зошто да се извинува бидејќи не е виновен, сепак не собира храброст да ги спомне имињата на виновниците.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села вели дека за 27 април не се виновни партии, туку поединци, а името кое индиректно го спомнува е Сашо Мијалков, екс-шеф на УБК.
-Јас оставив со таа работа да се занимава правната држава, за жал оваа правна држава предводена од Зоран Заев го пушти на слобода Сашо Мијалков, а од друга страна го пикна во затвор Фета Алими.-изјави Села.
Од друга страна, Таравари јасно вели дека извинување за 27 април треба да побара Сашо Мијалков и други, затоа се надева дека Мицкоски во име на партијата треба да побара извинување.
-Јас се надевам дека идниов период некој ќе се извини во име на партијата, дека тој навистина не бил организатор. Инаку директно извинување треба да побара Сашо Мијалков, Нухиу кој беше министер за внатрешни работи во тој период, кој беше премиер, тие треба да се извинат, бидејќи тие се организатори на таа ноќ-рече Таравари.
Името на Сашо Мијалков се спомнува и во судскиот процес за организаторите на настанот, од сведокот Александар Василевски – Нинџа.
