Женски се првите бебиња во Новата година во Штип и Струмица – во Прилеп е машко!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата 2026 година во неколку градови низ Македонија започна со убави вести – раѓање на првите новороденчиња, симбол на нов почеток и надеж.

Во Клиничката болница во Штип, првото бебе родено во новата година е женско. Малата Петра, тешка 3.550 грама и долга 50 сантиметри, се родила точно на полноќ и е прва рожба на 40-годишната Марија Јанкова-Петрова од Штип. Мајката изјави дека се чувствува добро и упати пофалби за целиот медицински персонал.

Петра денеска ја посетија градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и директорот на Клиничката болница, Владко Захариев, кои ѝ врачија подароци. Јорданов посака новата година да донесе здравје, бериќет и напредок, истакнувајќи дека во 2025 година во Штип се родиле 477 бебиња, што е за 62 повеќе во споредба со 2024 година.

Градоначалникот ја посети и приватната болница „д-р Органџиски“, каде првото новородено во 2026 година е машко.

Во Струмица, првото бебе во новата година е исто така женско. Родено е утрово во 07:20 часот на Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ „Општа болница Струмица“. Бебето тежи 3.950 грама, долго е 52 сантиметри, а мајката Катерина Тодорова, по професија докторка, го родила своето трето дете. Породувањето го извршил д-р Никола Ѓузелов со дежурниот медицински персонал.

Во Прилеп, првото бебе родено во 2026 година е машко. Бебето Герасим се родило во 02:23 часот по полноќ, по природен пат, и е второ дете во семејството. Мајката Софија Никоска Маџароска и новороденчето се во добра здравствена состојба. До напладне во Прилеп се родиле вкупно три бебиња – две машки и едно женско.

Директорот на Општата болница „Борка Талески“, Кире Јоноски, упати честитки до семејството, а градоначалникот Дејан Проданоски ја посети мајката и бебето, врачувајќи подароци и посакувајќи повеќе новородени деца, како иднина на општината.