Булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово никако да биде завршен. Ѓубре, кучиња скитници, без осветлување, прашина и кал кога врне. Ова се дел од проблемите на жителите кои живеат во овој реон. Велат дека повеќепати се жалеле, но надлежните не ги слушаат нивните барања.
„Во оваа населба имаме проблем со улицата, особено сега кога се гушиме во прашина, вода, кал, со се имаме проблем. Имаме уште еден проблем со струјата. Година и пол ја прекинаа и не доаѓаат да ја пуштат. Истиот проблем го имаме и со тротоарите. Сме биле, сме се жалеле, ни рекоа ќе се направи, денес ќе се направи, утре и ништо не е направено до денес“.
„Самата држава мора да биде логична, ние плаќаме данок на имот, струја, вода, плаќаме даноци за оваа држава, а државата направи како да сме во Африка. Во 21 век, ова е срамота и државата мора да преземе мерки, не знам што да кажам, ако дојдат, добро, ако не, Господ напомош со овие“.
Но од општина Тетово, поточно од Секторот за патишта и градежно земјиште, велат дека овој пат ќе се гради, а работите ќе почнат годинава.
„Со ова веќе ги почнавме процедурите. Проект веќе има, имаме интервенција со геодетски елаборат и треба да се направат мерења. На крајот сме на сите тие процедури и веднаш потоа мислам дека ќе има отворање на тендерот, кој планираме да биде остварлив за оваа година“, вели Мемет Јонузи.
Овој пат треба да го поврзе Тетово со регионалниот пат Тетово-Јажинце. Овој булевар е започнат пред 30 години, но допрва треба да биде завршен.
