Жителите на селото Страчинци на периферијата на Скопје, добија ветување дека до Бајрам ќе имаат канализација, но тие имаат уште една мака.
Немаат водовод. Во лето и по три дена се без вода за пиење а за ТВ21 велат дека со свои финансии направиле водовод пред 40 години.
„Еве од овде доаѓа, овде е моторот што ги поврзува и потоа од овде моторот ја носи до базенот таму горе, а од базенот потоа низ селото“.
-Значи ова горе е базенот што вие сте го изградиле?
„Да, ние од селото го изградивме и потоа од горе водата доаѓа до селото“.
-Колку години веќе така?
„Има 40 години“.
„Водата не стигнува до куќите што се наоѓаат во горниот дел од селото“.
„Во лето нема, тогаш е проблем, во јули, август. Имаме вода до април, мај“.
-А потоа во лето што правите?
„Во лето одиме кај чешмата, таму има постојано вода, но во куќите што се горе нема вода, тие што се подолу во селото имаат вода, а тие што сме погоре, во лето немаме вода“.
Пред поплавите во 2016, жителите велат дека имало повеќе вода и се снабдувале од оваа чешма и за пиење и за наводнување.
„До 2016 имавме повеќе вода, цело село се снаоѓавме, садевме тутун, лубеници, но од 2016 после поплавите снема вода. Сигурно изворите на вода, бидејќи оваа вода е 100 години, кој знае колку, ни старите не знаат, никогаш нема да пресуши“.
Еден друг жител вели дека лошите услови и недостигот на вода се причина младите да си одат од селото.
„Се надевам да се решат главните проблеми за селото, бидејќи тоа е причината што си заминаа многу млади“.
Од општина Гази Баба ветуваат дека ќе го решат проблемот, но без да дадат прецизен рок.
„Одредени се средства во буџетот на општината и во моментов надлежниот оддел на општинската администрација ги прави потребните подготовки во правец на обезбедување на потребната документација за реализација на проектот“, велат Општина Гази Баба.
Со самофинансирање жителите на Страчинци го санираат секој дефект на водоводниот систем кој велат дека ги чини стотици а понекогаш и по неколку илјади евра.
