Жителите од населбата „Прилепска“ во Кичево кои претрпеа штети од поплавите во Кичево постепено се враќаат во своите домови. Водата се повлече, но штетите се големи. Во расчистувањето на просторот помогнаа институциите и армијата. Жителите велат дека по поплавите тешко може да се живее тука, бидејќи сè што имале во домовите е уништено.
„Во моментов се вративме дома, но ситуацијата е критична, сè уште не е исчистено, сè уште не е исушено“.
„Немаме ништо во домот, спиеме на под. Градоначалникот треба да ни помогне“.
„Самите правевме дупки и со црева ја чистевме водата, куќите ни се целосно оштетени, сè што имавме во домовите е уништено“.
„Се обидуваме да чистиме, но не можеме, тука е катастрофа. Не сум само јас поплавена. Му благодариме на Бога што немаше жртви“.
Во спортската сала „Ивандол“, каде што беа сместени жителите, сега останала само една жена која вели дека е болна и дека била оперирана.
„Нека одлучат каде ќе ме однесат, јас немам ништо бидејќи сè таму е уништено. Четири пати сум оперирана, и сега сум оперирана, ми пукна операцијата од поплавите“.
На терен беа присутни надлежните институции за евидентирање на штетите, по што врз основа на проценката ќе се утврди и обесштетувањето за жителите кои претрпеа штети од поплавите по излевањето на Зајаска река.
