Убедени и одлучни во нивниот став дека не сакаат автопатот да минува низ Долно Строгомиште.
„Државата го штити народот, не го убива, не го убива селото.“, вели жител на селото.
Со овие зборови голем број на жители на Долно Строгомиште го пречекаа Ејуп Рустеми, кој се сретна со жителите за да ги слушне нивните маки. Рустеми рече дека ќе ги разгледаат барањата на и потоа ќе донесат одлука.
„Ги слушнавме сите забелешки, ќе се обидеме да ги земеме предвид, уште еднаш ќе ги разгледаме забелешките за овој капитален проект, ќе ги анализираме овие забелешки на граѓаните.“, вели Ејуп Рустеми.
Мештаните се одлучни дека не сакаат, како што велат, да им се уништи селото.
„Настојуваме, нема да дозволиме да помине, да не го уништи селото првата опција. Бараме да најдеме заеднички јазик“, рече Арсим Зибери.
„Ние сме против овој проект, ова незадоволство го искажавме и во 2018 година и пред градоначалникот Фатмир Дехари. Бевме во средба и со поранешниот директор на Државни патишта и му дадовме до знаење дека сме против ова варијанта како месна заедница.“, изјави Африм Мехмеди, претседател на Месна заедница.
Градоначалникот на Кичево вели дека ќе биде со жителите до крај и ќе ги штити нивните интереси.
„По акумулирањето на идеи, ќе го избереме најрационалното решение за граѓаните.“, рече Дехари.
Овие незадоволства дојдоа по најавите дека автопатот Кичево – Букојчани, кој се поврзува и со Коридор 8 – Гостивар, ќе помине преку селото и ќе го подели селото на два дела, а е предвидено мостот да помине над селските гробишта.