Директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски, во гостување на „Бизнис21“ откри дека пазарот на недвижности бележи силен раст, при што најголем дел од становите се продаваат уште пред да започне градбата.
Според регистарот, во третиот квартал годинава биле извршени трансакции со недвижности во вредност од 305 милиони евра, од кои 140 милиони се од продажба на станови.
Најфрапантна е бројката на новоградби: 845 продадени станови во тек на градба и 26.463 објекти кои наскоро ќе се појават на пазарот, врз основа на издадени дозволи и листови за претбележување за идни станбени единици.
„Ова е исклучително висока бројка за држава со ваков економски стандард“, оцени Живковски.
Тој нагласи дека најголемиот дел од овие станови се продадени уште на почетокот на градбата – веднаш по издавањето на правосилното одобрение.
Иако овие преддоговори не биле дел од официјалната статистика, Катастарот веќе започнал да ги класифицира и евидентира посебно преку листови за претбележување.
Според Живковски, оваа процедура претставува значајна заштита за купувачите, особено ако се има предвид искуството од пред две децении, кога дел од масовните измами беа поврзани со нерегулирани продажби во фаза на изградба.
