Кандидатот за премиер Албанец кого го предложи ДУИ, Насер Зибери, вели дека не е партиски кандидат и дека бара поддршка од сите партии. Тој рече дека политичката трка се прави за добивање гласови и власт.
„Јас ниту сум член, ниту претставник на ДУИ. Јас сум надпартиски кандидат кој претендира со поддршката на ДУИ и другите албански и неалбански политички субјекти, а пред сѐ со поддршката на граѓаните и гласачите, да добијам можност да раководам со Владата. По разговорите што ги имавме, по разјаснувањата, и јас сум убеден сум во мојата визија, и г.Али Ахмеди во неговата идеја“, истакна Насер Зибери.
За аналитичарот Арбен Лала, кандидатурата на Зибери за премиер Албанец е навредлива. Тој вели дека кандидатурата не е унифицирана ниту внатре во ДУИ и дека самите членови на ДУИ се разочарани од изборот.
„Оваа кандидатура е навреда. Оваа кандидатура е мртва за да нѐ претставува како патриоти, кога тој самиот не беше таков. 12 години пратеник, министер, вицепремиер и денеска да се појави по толку години пауза, како аналитичар, како нотар, како десна рака на Али Ахмети…. Самиот кандидат рече – ова е навреда за мене. Жал ми е што г.Али Ахмети со оваа кандидатура не само што ги разочара Албанците во Македонија, туку ги разочара и членовите на ДУИ“, истакна Арбен Лала.
Аналитичарот Селими рече дека идејата на ДУИ за премиер Албанец не е искрена и не доаѓа во потребното време.
„За идејата на ДУИ зборував и реков дека станува збор за политички пи-ар во нивно политичко право, но не е искрена и не дојде во вистинското време. Всушност, дојде откако започна кампањата. Колку време повикуваа за обединување на опозицијата, сега повикуваат за обединување на сите политички партии“, посочи Сефер Селими.
Насер Зибери беше пратеник на ПДП во три парламентарни гарнитури во 90-те години, министер за труд и социјална политика, вицепремиер и еден од составувачите на Рамковниот договор.
