Злоупотребија државни пари, а не се казнети – се уште се истражуваат компаниите кои не исплатиле плати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ниту една компанија досега не е казнета поради неисплаќање на платите на вработените, иако добиле пари од државата. Сопствениците ја задржале за себе државната помош што ја земале. Досега не е покрената ниту една кривична пријава, велат од Обвинителството за организиран криминал и корупција и додаваат дека се во фаза на прибирање докази.

-Предметот за кој покажувате интерес, а се однесува на кривичните пријави доставени од Генералниот секретаријат на Владата на РСМ за компаниите што злоупотребиле државна помош е во предистражна постапка, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција прибира докази за расветлување на наводите од кривичните пријави. Во моментов обвинителството не е во можност да сподели детали за случајот.-велат од Јавното обвинителство.

Владата денеска ја објави ажурираната листа на компании кои ја злоупотребиле државната помош, со тоа што не им исплатиле минимална плата на своите вработени.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска рече дека во координација со Инспекторатот за труд во овие компании ќе биде извршена детална контрола по сите видови даноци.

Лукаревска вчера извести дека сопственици на 179 претпријатија добиле државна помош за платите на вработените, но истата ја задржале за себе, поради што без приходи останаа околу 340 работници. Таа посочи дека дел од газдите кои не им исплатите плати на своите вработени се истите кои ја злоупотребиле помошта и за месеците април, мај и јуни, нагласувајќи дека станува збор за трговија на мало, транспорт и компании кои продаваат готова храна.